Утрово почна гаснењето на планинскиот пожар на Огражден, над селото Бадилен, општина Ново Село, во близина на бугарската граница, информираше директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов.
„Бидејќи се работи за тешко пристапен терен, еден полициски хеликоптер префрли 10 струмички пожарникари во близина на пожарот за да можат да започнат со гаснење од земја, додека полицискиот хеликоптер ќе дејствува од воздух“, објави Ангелов.
Пожарот избувнал завчера попладне на планината Огражден, над селото Бадилен, во граничниот појас со Бугарија.
Според информациите, гори густа борова шума и е зафатена поголема површина, а на ова подрачје има неколку објекти, меѓу кои и црква.