Унијата на жени при Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Струмица вечерва во големата сала на Домот на АРМ организираше трибина (панел дискусија) насловен: „Заштита, превенција и социјална политика за борба против семејно насилство“.
„Како организатори, убедени сме дека стручна обработка на темата вечерва ќе значи придонес кон борбата против оваа асоцијална појава. Да слушнеме за статистиката на овој феномен, за психолошката и институционална поддршка на жртвите и можноста за интерпретација на лични искуства, вечерва се сигурен показател дека оваа појава е детектирана и дека дејството против неа се усовршува. Истовремено, на овој начин преку овие стручни обраќања и собири ВМРО-ДПМНЕ заедно со релевантните институции ќе собере искуства за препораки во програмските дејствувања и активностите. Унијата на жени секогаш е прва во заштитата на правата и еднаквоста на жената во општеството“ – кажа во своето поздравно обраќање претседателката на Унија на жени при ОК ВМРО-ДПМНЕ Струмица, Евица Трајанова, отворајќи ја вечершната трибина.
Пред присутните се обрати психологот и новинар, Стојне Митева од Здружението „Скај Плус“, која говореше за искуството со отворениот Шелтер центар во кој се сместени жени жртви од насилство. Митева потенцираше дека Шелтерот во Струмица е доста голем предизвик и бара храброст и дека активистите и граѓаните кои го поддржуват овој центар всушност прават своевиден личен подвиг.
„Центарот по добиена пријава во рок од 12 часа ја контактира жртвата нудејќи помош. Се прави проценка на ризик и жртвата може да биде сместена во Шелтер центар“ – кажа Митева.
Долгогодишниот социјален работник, Наташа Котева говореше за сите форми и облици на насилството: физичко малтретирање, контрола над личност, психичкото, економско, или пак електронско насилство како за повреда на човековите права и слободи.
Од трибината беа посочени како надлежни институции за справување со овој општествен асоцијален феномен: Центарот за социјална работа, Министертвото за образование и наука, Министерството за правда, Министерството за внатрешни работи, Локалната самоуправа, како и некои невладини организации.
На трибината пред присутните се обрати и Невена Илиева како жена жртва на семејно насилство која со своето искуство ги охрабри сите кои имаат потреба од помош и оние кои се подготвени да пружат помош.
Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ секоја година на централно ниво во периодот од 24 ноември до 10 декември го организира настанот „Заедно за тебе“, во рамките на „16 дена активизам против насилство врз жените и семејно насилство“, со повеќе активности низ земјата за будење на свеста и спречување за насилството.