Во организација на Меѓуопштинскиот Сојуз на училишен спорт – Струмица, а во пресрет на празникот 11-ти Октомври, во четврток (10 октомври) со почеток во 18:00 часот низ улиците на Струмица ќе се одржат традиционалните „Ноќни Крос трки“ за учениците од основните и средните училишта од струмичкиот регион.
Трките ќе се реализираат низ булеварите „Гоце Делчев“ и „Маршал Тито“, во правец од стара „Иднина“, покрај маркетот „Тинекс“ кон Трговскиот центар „Глобал“, каде ќе биде поставена целта.
Во сабота, на 12 октомври со почеток во 11:00 часот ќе се одржат и „Есенски Крос трки“ за најмалите ученици, од прво до петто одделение во големиот градски парк, односно во правец на Спортската сала „Парк“ и Градскиот стадион „Благој Истатов“ кон Детската градинка и споменикот на Борис Трајковски, каде ќе биде поставена целта.