Министерството за образование и наука информира дека исплата на средства по основ на субвенциониран студентски оброк ќе има до крајот на овој месец. Сите студенти кои ќе го остварат правото, ретроактивно на своите трансакциски сметки ќе добијат парични средства за два и пол месеци, односно за половина септември и за октомври и ноември.
Во моментот, комисија во рамки на Министерството за образование и наука задолжена за проверка дали студентите/апликантите ги исполнуваат условите согласно Законот за субвенциониран студентски оброк, врши компарација на податоците наведени во апликациите и податоците кои ги добивме од другите надлежни институции – УЈП, АВРМ, ФПИОМ, МВР и сите универзитети.
Секој студент/апликант ќе добие решение преку системот преку кој се аплицираше, а веднаш потоа ќе се реализира и исплатата. Од МОН велат дека на повикот кој траеше од 25 ноември до 3 декември, пристигнале над 31.000 апликации за субвенциониран студентски оброк.