Катастрофалниот земјотрес што ги погоди Турција и Сирија на 6 февруари, во кој според последните информации загинаа најмалку 40 илјади луѓе, ги обедини луѓето ширум светот да им помогнат на настраданите.
Исламската верска заедница во Македонија иницираше собирање парични донации за настраданите во земјотресот. Штипското муфтиство објави извештај за собраните парични донации заклучно со 15 февруари, според кој, од струмичкиот регион, џамијата „Сејид Мухамед Нур ел-Араби“ во градот и џамиите во селата Василево и Висока Маала вкупно собраа 300.000 денари.
И граѓаните и властите во Македонија застанаа да им помогнат на погодените од земјотресот. Властите испратија финансиска и материјална помош, како и спасувачи, меѓу кои и 8 пожарникари од Струмица. Македонија го прогласи 13 февруари за ден на жалост во знак на сочувство со Турција и Сирија.