Со презентација на опремата со која располага струмичката Противпожарна единица, денеска пред влезот на големиот парк пожарникарите од ТППЕ Струмица го одбележаа 20 мај, Денот на пожарникарството.
Струмичките пожарникари пред градоначалникот Костадин Костадинов, членови на Советот на општина Струмица, граѓани и ученици ја презентираа противпожарната опрема и алатки со кои интервенираат при сообраќајни незгоди, поплави, земјотреси.
„Секоја година Денот на пожарникарството го одбележуваме достоинствено и секогаш подготвени да ја исполниме нашата задача, да спасиме, да помогнеме, да превенираме секојдневно и да укажуваме на опасностите кои демнат од пожарите. Од година во година ТППЕ Струмица е се поподготвена да одговори на предизвиците со кои секојдневно се соочуваме во нашето работење“, кажа Александар Гудев, командир на ТППЕ Струмица.
„Ви благодарам што постоите. Вие сте хероите на градот и општината, Вие сте наша гордост и гаранција за нашиот безбеден живот. Продолжете во таа насока за наше добро, за доброто на секој од нас поединечно, но и за доброто на целата наша општина“ – им кажа градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов на пожарникарите честитајќи им го денешниот празник.