Главната интернационална карневалска вечер од годинашното издание на „Струмичкиот карневал“ е во сабота на 16 март со старт во 18:30 часот, кога 48 карневалски маски создадени од карневалски групи и поединци од земјава и странство ќе се претстават пред струмичани и гостите од неколку градови на Македонија, но и соседството. 1346 маскирани лица ќе продефилираат низ булеварот „Маршал Тито“ и плоштадот „Гоце Делчев“ во Струмица, каде пред публиката ќе имаат свој настап, секоја поединечно, а жири комисија ќе ги оценува.
Дефилето ќе го предводи кралската свита со принцот и принцезата кои ќе бидат избрани на Маскенбалот претходната вечер во хотелот „Сириус“, а веднаш зад нив, како прва ќе се претстави карневалската група составена од 23 карневалисти „Аидос“ од Кукуш, Грција. Следуваат настапите на карневалските маски на неколку основни и средни училишта од Струмица, Куманово, Злетово и Пробиштип, традиционалните карневалски групи од Струмица „Мулен руж“, „Струма“, „Астра“, „Газелите“ во комбинација струмичани-радовишани кои ќе бидат најбројни со дури 110 маскирани лица, играорките на „Фолклорна низа“, Багашовски, еден од најредовните учесници на „Струмичкиот карневал“ ќе го има со три поединечни маски и околу 20 странски карневалски групи од Лесковац, Врњачка Бања, Раковица, Бела Црква, Шабац (Србија), Херцег Нови, Тиват, Будва и Котор (Црна Гора), Чаплина (Босна и Херцеговина), Перник (Бугарија), од Ријека и Иванич град (Хрватска), а како последни ќе настапат 36 карневалисти од Јалова (Турција).
На карневалските свечености ќе биде одбележан и јубилејот – 30 години од приемот на Струмица во Федерацијата на Европските карневалски градови – FECC, а годинава на „Струмичкиот карневал“ ќе има и голем број гости од FECC од повеќе европски земји, најавија организаторите.