Ирена Малчева средношколка од ДСУ „Никола Карев“ од Струмица, под менторство на професорот Ице Беличев победи на првиот натпревар во уметничко рецитирање „Елка Терзиева“, што се одржа денеска во Младинскиот центар во Струмица. Вкупно 20 ученици од трите средни струмички училишта учествуваа на натпреварот и рецитираа песни од повеќе писатели, за да се упати порака за користење на македонскиот литературен јазик.
Жирито во состав: Сузна Мицева, Софија Крстева, Фросина Милева одлучија да доделат две втори награди и тоа на Марија Балдовалиева ученичка од СОУ „Јане Сандански“, под менторство на професорката Гордана Мучева и на Зорица Бисева од СОУ „Димитар Влахов“, под менторство на професорката Бранка Ристова.
На натпреварот беа доделени и две трети награди кои ги понесоа ученичките Ивана Трајкова од СОУ „Димитар Влахов“, под менторство на професорката Маре Караристова и Елена Ѓеоргиева од СОУ „Јане Сандански“, под менторство на професорката Билјана Костадинова.
Натпреварот во уметничко рецитирање го организираше СОУ „Јане Сандански“ во чест на проф. Елка Терзиева која своевремено беше професор по македонски јазик во оваа средно училиште и се сметаше за поборник за користење и негување на македонскиот литературен јазик.