Од ЈЗУ „Општа Болница“ Струмица информираат дека е обезбедена нова модерна ендоскопска и лапароскопска опрема за потребите на одделот хирургија и истата е ставена во функција.
„Со лапароскопска хирургија се овозможува полесен третман на пациентите со минимални инвазивни третмани, помал губиток на крв, помал ризик од инфекции, полесно опоравување и пократок престој на пациентите во болница, за разлика од отворените хирушки интервенции“, информираат од оваа здравствена установа.
Тимот на хирурзи и хирурзи на абдоминална хирургија во болницата во Струмица веќе подолго време работат лапароскопски операции, а во следниот период ќе се работи на проширување на експертизата, доедукација на лекарите во лапароскопска хирургија, како и во гинекологија за проширување на видот на оперативните третмани кои досега се работеа во болницата со класични отворени хируршки методи.
Според информацијата од ЈЗУ „Општа Болница“ Струмица кај нив во текот на 2023 година направени се вкупно 1400 операции, од кои околу 300 лапароскопски хируршки интервенции.