Со осветлување на општинската зграда во портокалова боја, вечерва во Струмица официјално започна глобалната кампања „16 дена активизам против насилство врз жените и девојчињата“. Оваа година акцентот е ставен на дигиталното насилство – една од најбрзо растечките форми на злоупотреба која особено ги засега жените и девојчињата.
Градоначалникот на општина Струмица, Петар Јанков, во своето обраќање порача дека жените и девојчињата кои се соочуваат со каков било облик на насилство не се сами и дека општината стои цврсто зад нив. Тој истакна дека борбата против насилството мора да биде постојана, одлучна и заедничка.

„Портокаловата светлина го означува нашиот колективен став: дека Струмица е град кој не го свртува погледот од проблемот, туку стои цврсто на страната на жртвите и во одбрана на нивните права,“ кажа Јанков, нагласувајќи ја симболиката на вечерното осветлување.
Во рамки на кампањата, во наредните 16 дена ќе се реализираат едукативни настани, информативни кампањи, трибини и работилници насочени кон подигнување на свеста за дигиталното насилство, начините на негово препознавање и механизмите за заштита. Јанков додаде дека овие активности се насочени и кон градење општествена солидарност „каде жртвите не се осудени на тишина, туку на поддршка“.
Во својата порака, градоначалникот се обрати со три јасни повици:
– кон жените и девојчињата дека не се сами,
– кон граѓаните да не молчат пред неправди,
– и кон институциите да бидат уште побрзи, похрабри и почувствителни во заштитата на секој човек.

„Струмица отсекогаш била град на солидарност и напредок. Нека портокаловата светлина биде потсетник дека тука секоја жена и секое девојче има право на живот без насилство, и дека тоа право ќе го браниме секој ден, не само во овие 16 дена, туку 365 дена во годината,“ нагласи Јанков.
Градоначалникот упати и јавна благодарност до здружението „Скај Плус“ за нивниот континуиран труд и хуманост во поддршката на жените жртви на насилство, најавувајќи продолжување и проширување на соработката која досега помогнала на голем број жени.




























