Денеска на Спомен костурницата на паднатите борци од НОАВ во Струмица, беше одбележан 11 септември – Денот на ослободувањето на градот Струмица.
„Историјата на Струмица е историја на отпор и на вера во правото на слобода. Секое семејство во овој град носи спомен, приказна или сведоштво за тоа време, за болката, но и за радоста на слободата. Нашата задача е овие приказни да не ги заборавиме, туку да ги пренесуваме на младите генерации, за да знаат дека сегашноста што ја живеат е резултат на многу жртви и на многу љубов кон татковината. Секое ново време носи свои предизвици и свои битки. Ние денес сме должни да се бориме со знаење, со труд и со посветеност, за да изградиме современа и развиена Струмица – град на еднакви можности, на економски раст и на културен и општествен напредок“ – кажа во својот говор заменичката на градоначалникот на општина Струмица, Елена Маѓеровска Паликарова.
Членови на Домот за деца и млади „Благој Мучето“ од Струмица одржаа мал митинг на револуционерна поезија, а веднаш потоа претставници на Општина Струмица, на Сојузот на борците и нивни поддржувачи и на политичките партии СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и Левица положија свежо цвеќе пред Спомен костурницата каде се испишани голем број на загинати борци од втората светска војна.
Во рамките на одбележувањето на празникот, вечерва од 19:30 часот во Центарот за култура „Антон Панов“ ќе биде отворена изложба на делата создадени на годинашното 62-то издание на меѓународната Струмичка ликовна колонија.