Со пригодна свеченост пред споменикот „Македонија“ во големиот градски парк во Струмица, денеска беше одбележана 21-годишнина од загинувањето на Борис Трајковски, вториот претседател на Република Македонија.
„Претседателот Трајковски беше до самиот крај на неговиот живот извонреден човек и државник, каков што само може да се посака. Спомнувањето на сите негови вредности како човекољубец и како претседател на сите граѓани на Република Македонија, не би било комплетно доколку не се истакне дека неговиот лик го красеше и големата љубов кон Бога, како пасиониран верник на Евангелско – Методистичката црква. Тоа богољубие беше огледало на сите неговите човечки и државнички особености“, кажа меѓудругото во своето обраќање градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов.
Во знак на почит, свежо цвеќе пред споменикот положија претставници на семејството Трајковски, градоначалникот и членови на Советот на општина Струмица, Сојузот на борците и нивни поддржувачи, од политичките партии, СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ.
Традиционално, секоја година на годишнината од загинувањето на претседателот Борис Трајковски, членови на Унијата на жени при ОК на ВМРО-ДПМНЕ во Струмица, спроти споменикот „Македонија“ засадија дрвце.