Пред 12 години, на 23 јули, над Струмица избувна пожар што се прошири на поголемиот дел од ридот, во кој трагично загинаа браќата Блажо Стојков и Пено Стојанов од Рич, Мите Ѓоргиев од Струмица и Војо Гркљанов од Вељуса, а 11-мина беа повредени.
Човечкиот фактор беше причина за големиот шумски пожар, кој предизвика голема трагедија што вечно ќе ја паметат струмичани. Огнената стихија напиша злокобно сценарио и ја зави Струмица во црно.
Денеска пред спомен обележјето што Општина Струмица го подигна во чест на четворицата храбри граѓани кои животите ги загубија во борбата со огнената стихија, се одржа чествување по повод 12-годишнината од овој трагичен настан.
„Во таа пресметка со огнената стихија, четворица наши сограѓани ја платија својата храброст и пожртвуваност со своите животи, а повеќемина завршија со сериозни изгореници. Денес се сеќаваме на нашите четворица херои: Блажо Стојков, Пено Стојанов, Мите Ѓорѓиев и Војо Гркљанов кои, спасувајќи ја Струмица, прерано ги изгубија своите животи. Сите заедно посакуваме, таквиот настан со човечки жртви никогаш повеќе да не се случи. Нека биде тоа наша опомена за вечни времиња и за сите сегашни и идни генерации струмичани“ – кажа во својот говор Танкица Трендова, член на Советот на општина Струмица.