Пред 11 години, на 23 јули, над Струмица избувна пожар што се прошири на поголемиот дел од ридот, во кој трагично загинаа браќата Блажо Стојков и Пено Стојанов од Рич, Мите Ѓоргиев од Струмица и Војо Гркљанов од Вељуса, а 11-мина беа повредени.
Човечкиот фактор беше причина за големиот шумски пожар, кој предизвика голема трагедија што вечно ќе ја паметат струмичани. Огнената стихија напиша злокобно сценарио и ја зави Струмица во црно.
Денеска пред спомен обележјето, што Општина Струмица го подигна во чест на четворицата храбри граѓани кои животите ги загубија во борбата со огнената стихија, беше одбележана 11-годишнината од големиот пожар.
За нивната пожртвуваност и херојство, зборуваше Александар Ненчев, член на Советот на општина Струмица.
„Но, за жал во таа борба со огнот, животите ги загубија четворица наши сограѓани, браќата Пено Стојанов и Блажо Стојков од Рич, Војо Гркљанов од Вељуса и Мите Ѓеоргиев од Струмица. И по 11 години од големата трагедија, денеска се собравме овде пред Споменикот подигнат во нивна чест, да им се поклониме за нивната храброст и пожртвуваност и да потврдиме дека НИКОГАШ нема да заборавиме што направија за струмичани и Струмица. Одбележувањето на 11-годишнината од големиот пожар кај „Двата пата“ нека биде потсетник за сите нас, дека со оган нема играчка, особено во период со високи температури треба да бидеме многу внимателни посебно во шумски места бидејќи многу лесно може да се предизвикаат големи трагедии“, кажа Ненчев.