Годинашното 13-то издание на манифестацијата „Струмица Опен фестивал“ ќе се одржува од 22 јули до 20 август. Во десет дена планирани се 15 настани на отворено на неколку локации во градот.
Играорците на „Фолклорна низа“ ќе го отворат фестивалот со концертот „Ритамот на традиција“, а ќе се одржи во Амфитеатарот во големиот градски парк на 22 јули. Следниот ден (23 јули) во градскиот парк ќе се одржи промоција на македонската книжевност „Book club на отворено“. На 24 јули во Амфитеатарот ќе има Стенд ап со Никола Тодоровски, а на 25 јули во градскиот парк ќе се одржи Вечер на поезија. Следува пауза се до 13 август, кога младиот талентиран музичар Иван Кукиќ ќе го промовира својот прв албум „Sunday Vibes“ во издание на „Croatia Records“, а ќе се одржи во малиот градски парк од 20:30 часот.
На 15 август во големиот градски парк ќе се одржат два концерти, од 20:30 часот со Филип Јордановски и Live band и од 22:00 часот со ДНК. Следниот ден на 16 август од 18:00 часот се планирани натпревари во тимски игри, а од 20:30 часот е традиционалниот Завршен концерт на летната школа на гитара – Македонски рок хитови. Во 22:30 часот ќе настапат Пајак и Лара.
На 17 август (20:30 часот) повторно на „Струмица Опен фестивал“ Камерниот оркестар од Битола овој пат со солистите Ружица (Ареа), Дани Димитровска, Наде Талевска, Ана Петановска и Сашо Паркет, а од 22:00 часот концерт на Теодора & Band.
На 18 август од 20:30 часот на старата струмичка чаршија ќе се одржи концерт на Ансамблот „Билјана“ од Охрид – „Поврзи се со староградскиот БИТ ВИС Ансамбл Билјана“.
Годинашното издание „Струмица Опен фестивал“ ќе биде затворено на 20 август со „Струмички евергрини“ во изведби на „Ретромладина“ и „Ретроманија“ од 20:00 и 21:00 часот во малиот градски парк.
„Културни бранови на радост“ – вака го насловија годинашното издание организаторите на СОФ, Здружението „Културен Забавен живот“ од Струмица.
„За општина Струмица особено е важен културниот развој и промената на менталната матрица на струмичани во нешто што е здраво и убаво и во ова наше секојдневие навистина е време и ред да ставиме на пиедестал нешто што е убаво“ – кажа на денешната прес конференција градоначалникот Костадин Костадинов, каде заедно со претседателот на Здружението, организатор на манифестацијата Томи Печков го најавија 13-то издание на „Струмица Опен фестивал“.
„Тоа што мене посебно ме радува е отвореноста на младите струмичани да бидат активни учесници во фестивалот и на тој начин придонесуваат за одржување и континуитет на локалниот бренд „Струмица Опен фестивал“. Важно е да се потенцира дека Општината останува главен и генерален покровител на фестивалот и уште поважно е како и претходната година нема да имаме изведувачи од страна, туку ќе бидат македонски изведувачи коишто во најголем дел ќе изведуваат македонски песни. Веруваме во тој принцип на работа и секако остануваме посветени и оваа, но и годините пред нас да го променуваме летното струмичко секојдневие со нешто навистина убаво“ – кажа Костадинов.
И за годинашното издание на „Струмица Опен фестивал“ градоначалникот и Советот на општина Струмица, како покровители, од тековниот буџет издвоија околу 50.000 евра, односно 3.000.000 денари за реализација на манифестацијата.