Младите македонски талентирани пијанисти Стефан Ончев од ОМУ „Боро Џони од Струмица и Гала Булатовиќ од ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“ од Скопје ќе ја претставуваат Македонија на престижниот меѓународен пијано-натпревар „Глоуб интернационал“, кој од денеска до недела ќе се одржува во Хилверсум крај Амстердам, Холандија.
Ончев и Булатовиќ забележаа одлично постигнување и со обезбедениот пласман во финалните натпревари на едно од најсилните европски натпреварувања, минувајќи селекција од повеќе од 200 млади пијанисти од целиот свет. На крај обезбедија место меѓу најдобрите 20 во својата категорија до 13 години, кои викендов ќе се соберат во Хилверсум на финалните натпревари. На натпреварот во Холандија ќе учествуваат најдобрите млади пијанисти од САД, Италија, Шпанија, Полска, Кина, Индонезија, Германија, Израел, Чешка, Украина, домаќинот Холандија, но и од Македонија, а меѓу нив во конкуренција и едни од најпознатите млади пијанисти во Европа, Нора Лубадова од Чешка, Саја Гловацки од Германија, Марија Радулеску од Романија…
Натпреварот во Холандија, кој ќе биде испратен и со музички фестивал на кој ќе учествуваат најпознатите пијано-педагози од Европа, ќе биде оценуван од врвно жири во кое се истакнатите пијанисти Џулијано Адорно од Италија, Николас Бринге од Франција, Денис Лутгенс од Холандија, како и една од најпознатите македонски пијано-педагози Марија Максимова.
Преземено од: www.fakulteti.mk