Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во рамките на денешната посета на СВР Струмица, по повод реализирање на проектот „Отворен Кабинет”, оствари работна средба и со градоначалникот на општина Струмица, Костадин Костадинов.
На средба со градоначалникот Костадинов, беше разговарано за подобрувањето на сообраќајната инфраструктура во Струмица којашто е во тек, а со тоа и подобрување на безбедноста во сообраќајот. Министерот Спасовски беше информиран за набавка на нови модерни автобуси, а истовремено стана збор за воведување на велополиција на територија на општина Струмица. Воедно, беше изразено задоволството од присуството на полициските патроли низ градот, со што значително се зголемува безбедноста во градот, особено во близина на училиштата кои се под надлежност на Општина Струмица,
Спасовски и Костадинов го посетија и Младинскиот културен центар кој е во состав на општинската зграда, кој беше отворен неодамна и кој ќе овозможи поголемо партиципативно учество на младите, ќе ја динамизира работата и функционирањето на општината во интерес на сите и каде што ќе се реализирааат младински и културни настани и работилници.
Министерот Спасовски, на покана на директорката на СОУ „Јане Сандански”, Невенка Стојанова заедно со градоначалникот Костадинов го посетија средното училиште каде што ја реализираа превентивната кампања на МВР „Кажи НЕ на дрогата, ДА на животот”.
„Односот што го градиме, како и посветеноста во превентивната работа со малолетната популација, со основците и средношколците беа и се на самиот врв на приоритетите на МВР. Министерството за внатрешни работи, веќе години наназад преку своите организациони единици од областа на превенцијата, а во соработка со другите стручни служби во доменот на недозволената трговија со дрога и психотропни супстанци е целосно ангажирана и отворена за соработка во квалитетната едукација и заштита на нашите деца од опасностите и пороците на зависностите од дроги”, кажа министерот Спасовски.