По петдневно пешачење и поминати околу 200 километри од Струмица до Скопје, планинарите од ПК „Ентузијаст“ и ПК „Кожуф“ денеска пристигнаа на крајната цел – вечното почивалиште на поранешниот претседател на Република Македонија, Борис Трајковски.
Со овој марш тие му оддадоа почит на трагично загинатиот претседател, одбележувајќи ја годишнината од неговата смрт. Планинарите го изминаа целиот пат пеш, покажувајќи истрајност, посветеност и почит кон ликот и делото на Трајковски.
Маршот започна пред пет дена од Струмица, кога членовите на двата планинарски клуба тргнаа кон главниот град со јасна цел – симболично, преку физички напор и заедништво, да го одбележат споменот на претседателот кој остави длабока трага во поновата македонска историја.
Во текот на маршот, планинарите поминаа низ повеќе населени места, совладувајќи различни терени и временски услови, а денешното пристигнување во Скопје претставуваше кулминација на нивниот петдневен подвиг.
Со положување цвеќе и тивка почит, тие уште еднаш ја потврдија традицијата на маршот во чест на Трајковски, испраќајќи порака за сеќавање, единство и достоинствено одбележување на неговото дело.
Во рамки на одбележувањето, претстојниот викенд ПК „Ентузијаст“ ќе организира и традиционално искачување на планинскиот врв „БоТра“ (1880 м.н.в.) на планината Беласица, именуван во чест на претседателот. /Р.Ѓ./





























