Советот на општина Струмица денеска ја одржа втората седница, на која присуствуваше и градоначалникот Петар Јанков. На дневниот ред беа разгледани и усвоени повеќе значајни точки поврзани со развојните политики и финансиското работење на општината.
„Една од поважните точки на дневниот ред беше и ребалансот на Буџетот на Општина Струмица, кој беше изгласан со големо мнозинство. Со ова се овозможува непречено функционирање и навремено реализирање на обврските и активностите на Општина Струмица“, ни изјави по седницата претседателот на Советот, Никола Маџунков.
Советниците го усвоија Предлог-планот на Програмите за развој за 2026 година, во кој се опфатени капиталните инвестиции и најголемиот дел од развојните активности што ќе бидат составен дел од буџетот за следната година. Од општината посочуваат дека до крајот на годината постои можност програмите да претрпат дополнувања или измени согласно новите проекции.
Поддршка доби и кварталниот извештај за извршување на буџетот за третиот квартал од 2025 година. Како што информираше претседателот на Комисијата за финансии, буџет и локален економски развој, Владимир Ристов, вкупните приходи се реализирани со 68,10 проценти. Основниот буџет е реализиран со 67,61 процент, наменските дотации со 73,64 проценти, самофинансирачките активности со 48,01 процент, додека донациите со 21,70 проценти. Кај расходите, оперативните расходи се реализирани со 70,28 проценти, а капиталните расходи со 58,29 проценти од планираното.
Советот ги усвои и предложените измени на општинските програми за 2025 година, како и измените на Правилникот за доделување стипендии за ученици од основното и средното образование. Од Одделението за образование при Општина Струмица појаснуваат дека станува збор за технички усогласувања. Градоначалникот Јанков истакна дека сумата за стипендии останува иста како минатата година, но најави можност за нејзино зголемување во иднина, „бидејќи иднината во младите е иднина во сите нас“, кажа градоначалникот Јанков.
Советникот Методи Иванов од ВМРО-ДПМНЕ беше избран за член на Советот кој ќе учествува во процесите поврзани со одлучување за прашања од областа на конфликт на интереси на градоначалникот. Беа предложени и Владимир Ристов од ВМРО-ДПМНЕ, Миле Гогов од СДСМ, но тие се откажаа, како и Јасмина Пијанманова од Левица која доби 8 гласа од СДСМ, додека Иванов доби мнозинство од 12 гласа од владејачката ВМРО-ДПМНЕ.
На седницата беа усвоени и измените и дополнувањата на годишните планови за вработување во ООУ „Никола Вапцаров“ и СОУУД „Димитар Влахов“ за 2026 година, како и Програмата за работа на Отворениот граѓански универзитет „Јоска Свештарот“ – Струмица. Советниците ги донесоа и одлуките за доделување парична помош во висина од 60.000 денари на Славица Димитриевска и исто толку на Зорица Јованов од Струмица.









































