Претседателот на Советот на општина Струмица, Марјан Даскаловски пред усвојување на дневниот ред од денешната 23 седница побара точката број 15. Предлог – Програма за измена и дополнување на Програмата за еднакви можности на Општина Струмица за 2023 година, да се одложи за наредната седница. Според Даскаловски, по направените консултации со Министерството за локална самоуправа, донесувањето на ова точка е во спротивност со законите.
„Ни треба дополнителна консултација, за да не ја злоупотребиме службената положба, да донесеме нешто за кое потоа ќе треба сите да одговараме. Јас ќе ве замолам сите точката 15 да ја одложиме за наредната седница“ – кажа Даскаловски.
Реагираше Владимир Ристов од ВМРО-ДПМНЕ и побара измените на Програмата за еднакви можности на Општина Струмица за 2023 година да не се одложува, бидејќи тие веќе поминаа на Комисијата за еднакви можности и не се во спротивност со актуелните законски прописи.
Мнозинството со 12 гласа за и 9 против ја симна од дневен ред точката 15 Предлог – Програма за измена и дополнување на Програмата за еднакви можности на Општина Струмица за 2023 година, по што советниците на ВМРО-ДПМНЕ ја напуштија седницата.