Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Струмица ги отвора своите месни канцеларии во пресрет на Локалните избори, каде струмичани ќе можат да ги предочат проблемите, но и да дадат решенија како до подобра Струмица. Ова го кажа Кире Синдраковски од Општинскиот изборен штаб на ВМРО-ДПМНЕ Струмица, истакнувајќи дека канцелариите веќе работат со полн капацитет и со редица активности.
„Ве покануваме во периодот кој следи да бидете дел од нашата заедничка работа. Да дојдете во комитетите заедно да ги откриеме проблемите на Струмица и заедно да понудиме решенија. Струмица веќе 20 години е во рацете на СДСМ. Имаа можност да ни покажат што знаат и умеат. Ја имаа и централната власт во два мандата“ – кажа Синдраковски.
Според него во Струмица и после 20-годишно владеење на СДСМ сé уште стојат големи проблеми заради што на следните Локални избори ВМРО-ДПМНЕ, како што кажа Синдраковски ја превзема одговорноста Струмица да им ја врати на граѓаните.
„Но, после 20 години нашата Струмица е на листата на најзагадени градови во светот, трпи поплави на најголемите булевари и улици, има импозантни дивоградби, улици полни со кратери и слаба инфраструктура. После 20 години доверба од сограѓаните да ја поставиш Струмица во таква положба и да сметаш дека заслужувал уште еден мандат, значи нескромност и дрскост. За среќа сограѓаните кои на последните избори направија пресврт во Македонија спремни се да го направат својот придонес кон промените во Струмица. На претстојните Локални избори ВМРО-ДПМНЕ ја презема одговорноста Струмица да ја врати на граѓаните“ – кажа Синдраковски.