Со заеднички сили и позитивна енергија тече петтото дружење на пожарникарите и доброволците од југоистокот на Македонија и југозападот на Бугарија.
Денеска на браната „Иловица“ се одржа вежба на пожарникарите каде беше извршена симулација на гасење на шумски пожар кој беснее на планината Огражден.
Струмичките пожарникари како домаќини на вежбата, заедно со своите колеги пожарникари и доброволци од Југоисточниот регион демонстрираа полнење на 10-тонски базен со помош на потопни пумпи, кој се користи при гаснење на големи шумски пожари во тешко пристапни места.
Обуките се дел од имплементацијата на проектот за „Прекугранична соработка во справување со шумски пожари“, финансиран од Европската Унија преку Интеррег ИПА Програмата за прекугранична соработка помеѓу Бугарија и Македонија 2014-2020, проект кој Центарот за развој на Југоисточниот плански регион го спроведува во партнерство со Асоцијацијата на Југозападни општини, Благоевград.