Денеска на плоштадот „Гоце Делчев“ во Струмица, во рамките на кампањата „Сигурни празници, без употреба на пиротехника“ што ја спроведува Министерство за внатрешни работи, полициски службеници од СВР Струмица, преку Отсекот за превенција и Полициската станица Струмица, во соработка со Црвен крст – Општинска организација Струмица, спроведоа симулациска вежба за укажување прва помош на лице повредено при употреба на пиротехнички средства.
Вежбата имаше за цел на практичен начин да се прикажат ризиците и последиците од неправилна и неконтролирана употреба на пиротехника, како и постапките за навремена и соодветна реакција во случај на повреда.
Во рамките на кампањата, активностите продолжија и на други локации низ Струмица, каде полициски службеници на граѓаните им делеа едукативни летоци со информации за опасностите од пиротехничките средства и потребата од нивно избегнување.
Покрај теренските активности, СВР Струмица, во текот на вчерашниот ден, во соработка со лекари од Универзитетска клиника за пластична и реконструктивна хирургија, реализираше и повеќе едукативни предавања со ученици од прва година од средните училишта „Никола Карев“, „Јане Сандански“ и „Димитар Влахов“ во Струмица. На предавањата, лекарите ги информираа учениците за тешките и трајни здравствени последици што може да произлезат од употребата на пиротехнички средства, додека полициските службеници укажаа на законските одредби и казните поврзани со нивната набавка, продажба и употреба.
Од СВР Струмица информираат дека ваквите превентивни и едукативни активности ќе продолжат и во наредниот период и ќе се реализираат на подрачјето на целиот Сектор.
Воедно, СВР Струмица упати апел до граѓаните во претстојниот празничен период да се воздржат од употреба на пиротехнички средства, не само поради предвидените законски санкции, туку пред сè поради личната безбедност, со цел создавање безбедна и мирна празнична атмосфера без ризици.


































