Иако на Фејсбук страницата на градоначалникот на општина Струмица, Костадин Костадинов беше објавено дека „сите угостители се согласија и прифатија да ги отстранат неправилностите кои ги констатираа инспекторите, и доброволно да го ослободат плоштадот“, денеска екипи на ЈПКД „Комуналец“ со засилено полициско обезбедување почнаа со уривањето на бесправно поставената урбана опрема и на објекти кои во изминатите години биле подигнати на јавни површини.
Акцијата почна со уривање на објекти на плоштадот „Гоце Делчев“ кон големиот градски парк, долж струмичкото корзо на улицата „Благој Мучето“. Од левата страна се отстранети барака – продавница за чевли, кафе баровите „19-ка“ и „Голд“, барака – продавница за сувенири.
Според информацијата од Општинскиот инспекторат, денеска истекувал законскиот рок кој им бил даден на сопствениците сами и на свој трошок да ги отстранат бесправно подигнатите објекти. Акцијата продолжува и во наредните денови.