Комисијата за заразни болести препорача мерки за да се спречи ширењето на грипот, поради што Министерството за здравство ги задолжи јавните здравствени установи да ги почитуваат.
Мерките подразбираат забрана на посети на хоспитализирани пациенти за да се спречи заразата од грип во болнички услови; строго да се почитува редот во здравствените установи, особено во користењето лична заштита – носење заштитни маски, како и дезинфекција на рацете и одржување физичка дистанца секаде каде што е можно.
„Мерките се од исклучителна важност за здравјето на пациентите и здравствените работници, согласно актуелните епидемиолошки податоци кои укажуваат на пик на сезонскиот грип. Комисијата за заразни болести продолжува да ја следи епидемиолошката состојба во државата“, стои во соопштението од Министерството за здравство.
Како што е објавено на веб страницата на Институтот за јавно здравје, од 3 до 9 февруари 2025 година во земјава се пријавени 2.880 случаи на групни пријави за заболени од грип/заболувања слични на грип.
Од пријавените, 1.552 лица се на возраст од 15-64 години, 685 кај деца на возраст од пет до 14 години, 371 кај деца на возраст од 0-4 години и 272 се регистрирани кај лица на возраст над 65 години. Највисока инциденца се регистрира кај децата на возраст од 0-4 години.
Во Скопје се пријавени 692 заболени, во Струмица – 333, во Битола – 304, во Свети Николе – 158, во Охрид – 141, во Велес – 140, во Радовиш – 122, а во Кавадарци и во Куманово по 109 заболени.