По утринската Света Божествена Литургија, денеска од црквата „Свети Петнаесет Тивериополски свештеномаченици“ беше изнесена иконата на Пресвета Богородица Брзопослушничка, со свечена литија низ улиците на Струмица која заедно со верниот народ помина покрај црквата „Св. Кирил и Методиј“, покрај Собранието кон плоштадот „Гоце Делчев“, каде се одржа молебен на Пресветата мајка Божја, а во присуство на свештениците на Струмичката Епархија, поздравно слово одржа Викарниот епископ Јаков Стобиски.
„Ние драги браќа и сестри како христијани немаме што да изнесеме свое и со што да се пофалиме на улиците на нашиот град, заради тоа што многу пакоснос, многу злоба, многу страст, многу грев, многу злорадост, многу зломисли кон своите браќа и сестри се вселиле кон нас, и не сакаме да ги напуштиме и не нé напуштаат, и Бог нема да не избега од таа состојба заради тоа што нашата слободна волја стои како непремослив ѕид и бедем помеѓу нас и Бог. Во тој нас очај затоа ја изнесовме неа, (иконата), богатството на црквата Православна, украсот на сета вселена, најубавата и најблагословената не само меѓу жените, туку меѓу сиот човечки род, најубавото нешто што произлезе од оваа наша пакосност, од оваа наша злоба, Пресветата владичица наша Богородица, таа е вистински христијан, заради тоа што таа ништо не остави за себе си, ништо не задржа за себе си“ – кажа епископот Јаков.
Верниците освен на иконата на Пресвета Богородица Брзопослушничка се поклонуваа и пред светите мошти на Св. Василиј Велики и Св. Првомаченик Стефан.
По свеченоста, иконата беше однесена и оставена во Црквата „Свети Димитриј и Свети Григориј Палама“ за поклонение на верниците во наредните денови, а потоа пак ќе биде вратена во „Свети Петнаесет“.
Во март 2017-та година, од Света Гора, иконата беше донесена во манастирот „Светите Петнаесет Тивериополски свештеномаченици“, како подарок на градот Струмица од светиот игумен на Свештената Обител Дохијар, Старец Григориј со своето во Христа братство, во знак на спомен на чудото што Пресветата Владичица наша Богородица го направила во 2016-та година над 18-годишно немо момче од Струмица, враќајќи му го говорот во целост.