Светски познатиот македонски пијанист, виртуозот Симон Трпчески денеска беше во Босилово, имаше средба со градоначалникот Ристо Манчев и договорија настап со проектот „Македонисимо“ на второто издание на фестивалот „Босилово – културно лето 2023“ и тоа во селото Секирник, родното место на неговата мајка.
„На задоволство на сите граѓани од општина Босилово и поширокиот струмички регион, оваа лето ќе имаме можност во живо да ги слушнеме прекрасните изведби на светски познатиот музички виртуоз Симон Трпчески“, објави градоначалникот Ристо Манчев.
Симон Трпчески со неговата мајка го посетија и Секирник, беа во Домот на културата каде се изложени носии на русалиите, белегот на жителите на оваа село.
Фестивалот „Босилово – културно лето 2023“ ќе се одржува во месеците јули и август со повеќе настани на различни локации во општина Босилово, а настапот на Симон Трпчески со „Македонисимо“ е планиран за крајот на месец август.