Вокално-инструменталниот состав „Распеани Струмичани“ ги приведува кон крај подготовките за традиционалниот Годишен концерт, кој ќе се одржи на 12 декември (петок) со почеток во 19:00 часот, на големата сцена во Центарот за култура „Антон Панов“ во Струмица.
Пробите интензивно се одвиваат, а ансамблот подготвува избор од македонски староградски песни што солистите и инструменталистите ќе ги изведат во живо. Покрај нив, на концертната вечер ќе настапат и Октетот „Струмица“, играорците од КУД „Боро Џони“, како и младиот талентиран пејач Душко Никовски. Соло настапи ќе имаат и вокалистите на ансамблот, Елисавета Василева Бончева и Љупчо Беќаров.
Од составот упатуваат покана до граѓаните на Струмица да присуствуваат и да уживаат во богатата програма посветена на традиционалната македонска песна. Влезот е слободен за сите посетители.





























