Синоќа во Градската Уметничка галерија, во рамките на второто издание на „Classic International Festival Strumica 2023“ се одржа Концерт на класична музика со триото Марија Наумовска Бакревски – сопран, Игор Бакревски на кларинет и Иван Еминовиќ на пијано.
Прекрасна и стилски различна избрана музичка програма со дела на Шуберт, Скарлати, Хендел, Феуре, кои предизвикаа емоции и долготрајни аплаузи кај публиката со изнуден бис.
Овој камерен состав е формиран во 2017 година кога го имаат и својот прв концерт на фестивалот „БитФест“ во Битола. Тројцата уметници се вработени во Македонската опера и балет.
Фестивалот „Classic International Festival Strumica 2023“ завршува утре (петок) со концерт на „Трио Љубљана“ од Словенија на кој Јоже Котар на кларинет, Зоран Митев на фагот и Лука Ферини на пијано ќе изведат дела на Менделсон, Глинка, Карди, но и „Фантазија на фолк тема“ од основачот на овој фестивал, струмичанецот Васил Атанасов В’чев.