Вчера, во малата сала на Македонската филхармонија во Скопје, се одржа традиционалниот годишен прием на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи во Македонија, на кој беше доделено признанието „Вељо Манчевски“. Годинашен добитник на ова признание е директорот на Радио Марија од Струмица и уредник на порталот Католици.мк, протојереј отец Гоце Костов.
Признанието му беше врачено за неговиот значаен придонес во ширењето на верата и христијанските вредности преку медиумите, покрај неговите пасторални активности, со што оставил видлив печат во областа на верското и општественото информирање.
На приемот присуствуваа Поглаварот на МПЦ–ОА, г.г. Стефан – Архиепископ Охридски и Македонски, Скопскиот бискуп и Струмичко-скопски бискуп, монсињор д-р Киро Стојанов, Реисул-улемата на Исламската верска заедница во Македонија, Х.Хфз. Шаќир еф. Фетаи, суперинтендентот на Евангелско-методистичката црква Марјан Димов, претседателот на Еврејската заедница Пепо Леви, како и претставници на останатите верски заедници и религиозни групи во државата.
На настанот беа присутни и членови на Владата, пратеници во македонското Собрание, претставници на државните институции и бројни видни гости.
Со свои обраќања на приемот се обратија претседателката на Македонија, Гордана Силјановска Давкова, во својство на покровителка на настанот, како и директорката на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, Оливера Трајковска, која ги врачи признанијата „Вељо Манчевски“.





























