Синоќа во просториите на Младинскиот центар во Струмица, се одржа промоција на збирката поезија „Сивка – геометрија на болката“ од поетесата Ирена Бабамова Стојчева. Станува збор за нејзино четврто книжевно дело, за кое ракописот ја доби меѓународната награда „Антев златник“ за 2024 година, а во 2025 година, со поддршка од Министерството за култура и туризам, беше објавено во издание на издавачката куќа „Макавеј“.
Пред бројната публика, меѓу кои беше и Митрополитот Струмички г. Наум, за книгата говореа проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, проф. д-р Владимир Цветкоски и м-р Катерина Панов Кожаров, кои низ различни книжевно-теориски и симболички пристапи ја осветлија поетиката на новата збирка.
Проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска се осврна на мотивот на болката, која во збирката се јавува како централна оска и се разгранува низ различни димензии на човечкото битие. Таа истакна дека песните, без разлика дали се читаат поединечно или како целина, создаваат заокружен поетски универзум во кој болката истовремено повредува, но и лекува, при што посебно внимание му посвети на симболот на пеперугата како знак на преродување и воскресение.
Проф. д-р Владимир Цветкоски ја анализираше „Сивка“ како поетски простор во кој болката добива форма и структура, а зборот функционира и како светлина и како сенка. Тој нагласи дека збирката се разликува од претходните дела на авторката по својата камерност и суптилна музикалност, со слободен стих, но со јасно контролирана внатрешна интонација и симболика, во која се испреплетуваат телесното и метафизичкото.
М-р Катерина Панов Кожаров се задржа на психолошко-интроспективниот слој на поезијата на Бабамова Стојчева, потенцирајќи го симболот на пеперугата како доминантен мотив во збирката. Таа посочи дека пеперугата во различни култури и духовни традиции се поврзува со душата, минливоста и преродувањето, што дополнително ја продлабочува симболичката димензија на песните во „Сивка“.
На промоцијата беше спомната и рецензијата на д-р Атина Цветаноска, во која збирката е опишана како „тажна убавица“ што ја истражува тагата и болката како одговор на неизбежните животни промени, оставајќи трајни траги во човечкото искуство.
Со оваа промоција, струмичката публика имаше можност поблиску да се запознае со едно значајно поетско остварување од современата македонска книжевна сцена, кое на суптилен и длабоко промислен начин ја отвора темата на болката, тагата и духовната трансформација. /Р.Ѓ./


































