„Ќе имаме конечна дислокација на дивоградбите од долното и горното Турско маало. При крај се градежните работи од првата фаза во Социјалната населба која е најголем капитален проект за Струмица и од финансиски и од социјален аспект“, информираше денеска градоначалникот на општина Струмица, Костадин Костадинов, кој заедно со своите соработници изврши увид во досегашната и тековната реализација на градежните активности.
Костадинов информираше дека во оваа прва фаза која чини 100 милиони денари обезбедени преку Владата се завршени потпорните ѕидови, изведена е фекална и атмосферска канализација, поставено улично осветлување, се асфалтираат улици и поставуваат тротоари.
„За втората фаза распишана е јавна набавка за избор на проектант кој ќе ги проектира 118-те куќи коишто ќе бидат достоинствени домови и во третата фаза е дислокацијата на долното Турско маало“, вели градоначалникот Костадинов.
Тој им порача на граѓаните да бидат трпеливи, бидејќи тука ќе имаат достоинствени домови и затоа очекува поддршка од целото население, затоа што, според него, ова е навистина огромен потфат не само за Турското маало, туку и за цела Струмица.