Од синоќа во Центарот за култура „Антон Панов“ во Струмица е поставена изложба на ликовниот уметник Панче Ѓорѓиев, насловена „Приказната на пејзажите“.
Изложбата ја отвори директорот на Центарот за култура, Драган Маџиров, а за Ѓоргиев и неговите дела говореше д-р Коста Милков од Балканскиот институт за вера и култура.
„Сликарот Панче Ѓорѓиев е сликар – раскажувач. Во неговото долгогодишно творештво, без разлика на фокусот и тематиката на определен ликовен циклус, секоја слика поединечно раскажува приказна која се вклопува во целината на конкретниот творечки опус“ – кажа Милков.
Милков вели дека карактеристиката на Панче Ѓорѓиев – пејзажот, доаѓа до особен израз и дека неговиот длабоко рефлексивен експресионизам во изведбата на делата кај пејзажите има најсилен ефект.
„Природната околина како инспирација е верно доловен со крупните потези на многуте слоеви врз платното. Исто така во секој пејзаж е втиснат печатот на авторот: нагласена емоција, креативна „деформација“, драматичен колорит и субјективна перспектива која на публиката и дозволува да ја има гледната точка на сликарот“ – кажа Милков.
Изложбата „Приказната на пејзажите“ по синоќешното отворање, струмичани ќе имаат можност да ја видат и во наредните десетина дена во фоајето на Центарот за култура „Антон Панов“ во Струмица.




























