Денеска Секторот за внатрешни работи – Струмица преку повеќе превентивни активности спроведени на подрачјата на Струмица, Радовиш, Гевгелија и Валандово го одбележа 9-ти Декември – Денот на превенцијата.
Како што информираат од СВР Струмица, Отсекот за превенција спроведе едукативна активност со 40 дечиња од Детската градинка „Детска радост“ во Струмица, а на тема – „Да ги заштитиме децата во сообраќајот“. Дечињата преку видео презентација, прилагодена на нивната возраст, беа запознаени како правилно да преминуваат улица, за значењето на семафорите за нивната безбедност во сообраќајот, како изгледа правилното движење по тротоарите.
Покрај ова, Одделенијата за внатрешни работи во Радовиш, Гевгелија и Валандово превентивните активности ги спроведоа преку полициски службеници на терен, при што на возачи и граѓани им беа поделени летоци со едукативна содржина а поврзана со задолжителната обврска за носење зимска опрема во возилата, потоа со поуки за ризикот од користење на мобилен телефон додека се управуваат моторни возила, како и за опасностите од користење петарди и пиротехнички средства, и секако околу казнените одредби за оние кои ги употребуваат.