Вечерва во манастирот на Светите Петнаесет Тивериополски свештеномаченици, беше отслужена празнична вечерна богослужба на која претстоеше Неговото Преосвештенство Епископот Шабачки г. Јеротеј, во молитвено присуство на викарниот Епископ Стобиски г. Јаков.
На вечерната служба, покрај многубројниот верен народ, присуствуваа и градоначалникот на општина Струмица, Петар Јанков со сопругата Катерина, претседателот на Советот, Никола Маџунков со дел од советниците, директорката на Комисијата за односи со верските заедници, Оливера Трајковска, како и покровителите на годинашната слава, брачниот пар Јорданчо и Стевица Јаневи од Струмица.
Утре, на денот на Светите Петнаесет Тивериополски свештеномаченици, од 08:30 часот ќе биде отслужена и Света Архиерејска Литургија на која ќе началствува Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, во сослужение со повеќе архиереи.
Свечената седница на Советот на Општина Струмица ќе започне во 11:30 часот во Центарот за култура „Антон Панов“. На седницата свое обраќање ќе има градоначалникот на Струмица, Петар Јанков, а ќе бидат доделени и традиционалните Годишни награди и Наградата за животно дело „Свети Петнаесет Тивериополски Свештеномаченици“ за 2025 година. Според најавите, на свечената седница се очекува да присуствува и највисокиот државен врв, предводен од премиерот Христијан Мицкоски.
Патрониот празник 11 Декември – денот на Светите Петнаесет Тивериополски свештеномаченици – претставува еден од најзначајните духовни и историски симболи на Струмица. Овие светители, кои своето сведоштво за верата го запечатиле со маченичка смрт, се столб на духовниот идентитет на градот веќе повеќе од еден милениум. Нивниот култ живее меѓу струмичани како пример за пожртвуваност, човечност и непоколеблива вера, а 11 Декември е ден кога градот се собира во молитва, благодарност и заедништво, оддавајќи им почит на своите небесни заштитници. /Р.Ѓ./
ФОТОГАЛЕРИЈА: Тивериопол.мк >>>





























