Православните христијани денеска го слават Бадник, ден пред големиот празник Рождество Христово – Божиќ.
Вечерва, семејството се собира на заедничка вечера и според обичајот оваа вечер не се оди на гости. Се прави богата, посна трпеза. На масата се става риба, гравче, посна сарма, лепче со паричка. Се верува дека кај оној член од семејството каде што ќе падне паричката ќе има среќа цела година. Бадниковата вечера треба да нè потсети на тоа колку е важно семејството и слогата во него.
Денеска во утринските часови во многу куќи се слушаат гласови на деца коледари, кои со коледарските песни за здравје и бериќет пеат пред вратите. Домаќините им даваат костени, ореви, јаболка, колачиња, за да го зачуваат овој обичај кој се пренесува од колено на колено.
Утре е Божиќ, еден од трите најголеми празници, кога, според христијанското верување, е роден Синот божји, Исус Христос. Според стариот јулијански календар се раководат Ерусалимската патријаршија, Македонската православна црква, српската, руската, грузиската црква и Света Гора.