Со одржувањето на првата форумска сесија, вечерва во новоотворениот Младински центар во општинската зграда започна Буџетскиот форум на општина Струмица 2023/2024 година.
Учесниците на форумот, граѓани, советници, претставници на младинскиот и невладиниот сектор, беа запознати со процесот на буџетирање, структурата на буџетот на општина Струмица, буџетскиот календар и планираните приоритети за развој за наредната 2024 година и учествуваа во изборот на приоритетна програма.
Во своето обраќање градоначалникот Костадин Костадинов истакна дека очекува добри и издржани приоритетни проекти и од овој Буџетски форум.
„Во 2022 година најголема поддршка дадовте на проектот за јавен електричен превоз којшто е и мој најголем приоритет и најголема желба за реализација во овој градоначалнички мандат. Вие ја дадовте поддршката, а ние работиме за што побрза реализација на овој проект. Останатите два приоритетни проекти беа поставување на фотоволтаици на сите основни и средни училишта и соларен катастар. Работевме и на овие проектни иницијативи. Физибилити студијата за поставување и одржување на кровни фотоволтаици на објекти во сопственост на општина Струмица е изработена и изгласана на 29-та седница на Советот на општина Струмица којашто се одржа на 27 октомври. Паралелно со реализацијата на овие проектни иницијативи во 10-те месеци од оваа буџетска година реализиравме голем број од планираните проекти во општинските програми. Ова е период на носење заеднички одлуки, обезбедување поддршка за идеите и решенијата коишто ги предлагаме за новите предизвици, период на креирање на новиот буџет согласно потребите на граѓаните и можностите на општината“, кажа градоначалникот Костадинов, најавувајќи ја Втората форумска сесија на 10 ноември.