Почина Оливера Николова – македонската писателка најмногу позната по култното дело „Зоки Поки“.
Николова е родена на 11 март 1936 година во Скопје. Дипломирала на Филозофски факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Целиот работен век го поминала во Македонската радио-телевизија, работејќи како уредник и драматург.
Вредностите на Оливера Николова во македонската книжевност за деца, од нејзината прва книга, континуирано, се мошне високо рангирани. Сите критичари кои се занимавале со нејзините книги за деца потенцирале дека со нејзиното творештво македонската книжевност за деца се збогатува со дотогаш неоткриени мотиви. Оливера Николова е писателка која сака секогаш да биде нова, која ја истражува и формата, но која пред сè, реагира на животот и на новините кои се случуваат во него менувајќи го сензибилитетот на современото дете.