Враќање на Домот на културата во функција на жителите на селото Добрејци, уредување на училишниот двор, уредување на селското фудбалско игралиште и на простор за меѓусебно дружење на отворено и социјализација, се најважните приоритети на жителите од ова населено место кои бараат да бидат решени од страна на Општина Струмица.
Според анкетата која беше спроведена во мај 2023 година, на репрезентативен примерок од 5% од вкупниот број на жители, а која се однесува на културните потреби и потребите за зајкнување на заедницата, 94% од жителите сметаат дека уредувањето на спортското игралиште ќе придонесе за зајакнување на односите во селото и за подигнување на квалитетот на спортскиот живот.
91% од анкетираните граѓани се изјаснија дека постои огромна и итна потреба од креирање на простор наменет за културни содржини, односно за враќање на Домот на културата во функција на жителите. Исто толку граѓани сметаат дека училшниот двор треба да се уреди со креативни содржини за децата и младите, а 78% сметаат дека општината треба да креира и уреди простор за заедничко дружење на отворено, што е особено значајно за жените и младите.
Земајќи ги во предвид приоритетите на жителите и неуредените простори во селото, беа изработени и поставени информативни табли на наведените локации, со предлог на идејни решенија за нивниот изглед и функција.
Иницијативата е спроведена од страна на Центарот за совремемени уметности – Скопје во соработка Организацијата на жени од Струмица.