Синоќа во Културно информативниот центар на Македонија во Софија, Бугарија беше отворена изложба на струмичанецот Марјан Ѕингаров насловена „Реминисценции“.
Во присуство на голем број дипломати, уметници, новинари и пријатели на македонскиот културен центар, изложбата ја отвори амбасадорката на Македонија во Бугарија, Агнеза Руси-Поповска.
За апстрактното сликарство на Ѕингаров говореа д-р Иво Пецов, познатиот бугарски новинар Даниел Ненчев, како и директорот на Културно информативниот центар, Сашко Насев кој се осврна на естетиката и културата која секогаш гради мостови меѓу луѓето, каде и да се и кои и да се.
Сликарот Марјан Ѕингаров, заблагодарувајќи им се на сите присутни, емотивно ги повика гостите да уживаат во изложбата „Реминисценции“. Ѕингаров прими благодарница од Сашо Тодоровски, директор на културните институции во Куманово, за несебичната помош во воспоставувањето на уметничките врски меѓу Куманово и Русе.
На изложбата Ѕингаров го претстави својот последен циклус од сликарски дела изработени на платно, со комбинирана техника и употреба на акрилни бои.
Со овој културен настан започна богатата програма на Културно информативниот центар на Македонија во Софија за 2023-та година.