Попладнево околу 15.30 часот градот Струмица и околината беа погодени од силни поројни врнежи од дожд кои траеја повеќе од половина час.
Центарот за управување со кризи информираше дека биле поплавени улиците „Браќа Минкови“, „Ѓорѓи Василев“, „Иљо Шопов“, „Младинска“. Вода надојде и во други делови на градот. На одредено време поради превенција била затворена и подземната сообраќајница под градскиот плоштад „Гоце Делчев“. Беа поплавени домови и подруми на струмичани.
Во 18 часот градоначалникот на Струмица Костадин Костадинов информираше дека општинските служби, пожарникарите и полицијата постапувале по четириесеттина пријави за поплавени подруми и дворови во градот и населените места. Според Костадинов, нема посериозни материјални штети од невремето.
Во горниот дел на поројот „Крушевска Република“, до новопоставените решетки надојде поголема количина на отпад. Општинските служби излегоа на терен и го расчистуваа отпадот.
„Најголем проблем сега во моментот имаме тука на поројот „Крушевска Република“, каде што е новиот дел што се гради. Тука имаме поставена решетка за собирање на отпад, меѓутоа дел од несовесните граѓани го фрлаат својот отпад покрај самиот порој и внатре во поројот, па поради големата количина на отпад беше затната решетката на канализациониот систем. Меѓутоа, за кратко време ќе биде отстранет“, изјави Бранко Ѓоргиев, раководител на Секторот за комунална хигиена при ЈПКД „Комуналец“ – Струмица.
Градоначалникот Костадинов соопшти дека ситуацијата се следи будно и сите капацитети се на готовс затоа што се очекува поројни дождови и во текот на ноќта.
„Веќе се чистат наносите од кал од обилните дождови кои го зафатија нашиот град! Комуналец – Струмица работи на чистење на улиците, ТППЕ постапува по пријавите за поплавените подруми и дворови. За помалку од еден час вредните работници постапија секаде, согласно нивните можности. Остануваме будно да ја следиме ситуацијата, сите капацитети се на готовс имајќи ги предвид најавите за поројни дождови и во текот на вечерта“, објави Костадинов.