Промоција со поетско читање и беседа на новата збирка песни „Одглас (на нечуеното)“ од Сузана Mицева ќе се одржи во петок, 24 јануари, во Младинскиот центар во Струмица со почеток во 19:00 часот.
Песни од книгата ќе интерпретира младата актерка Васка Ангелова и авторката, а Ана Витанова-Рингачева која е и рецензент на книгата, низ книжевна беседа ќе ја претстави пред публиката.
„Стихот на поетесата Сузана Мицева е патник кој нема свое постојано место за починка, тој патува и освојува метафизички простори на духот, со порив да открие нови и непознати предели на мислата. Откривајќи ги, ги допира, ги чувствува, ги зема со себе и преку песната ги прави видливи за човекот и светот. Тоа е нејзиниот опит, нејзината потајна нарав, да гради домови надвор од својот, да ги облагородува, да колчи нови градини, да оградува парче небо и тука да битисува. И така сѐ до некое следно патување на песната“ – напиша Ана Витанова Рингачева.
Оваа е петта збирка песни за возрасни на Мицева. „Одглас“ излезе со поддршка на Министерството за култура и туризам како самоиздат.
Средствата од продадените книги на промотивниот настан ќе се искористат за хуманитарните активности на Фондација Елеуса.