Петнаесеттина планинари од Струмица, Радовиш, Валандово и Гевгелија утрово од пред споменикот на Борис Трајковски во големиот Градски парк во Струмица тргнаа на традиционалниот марш во чест на претседателот.
Веќе 18 години тие пешачат 200 километри од неговата родна Струмица до неговиот вечен дом во Скопје и на ваков начин му оддаваат почит на загинатиот претседател.
Во недела на 26 февруари, на денот на загинувањето на претседателот Трајковски, на неговиот гроб во Скопје учесниците на маршот ќе положат свежо цвеќе.
Викендот ќе се одржи уште еден настан во чест на претседателот Борис Трајковски, а во организација на ПАОК „Ентузијаст“ од Струмица. Шеесеттина планинари од Македонија и Бугарија во сабота и недела ќе пешачат и по падините на планината Беласица. Тие ќе се искачат на врвот „БоТра“ на надморска височина од 1.880 метри.