Новиот градоначалник на општина Струмица, Петар Јанков, денеска напладне и официјално ја презеде функцијата од својот претходник Костадин Костадинов.
На свеченото примопредавање, традиционално, Костадинов му ја закачи на палтото на Јанков значката со грбот на општина Струмица, по што двајцата се обратија пред медиумите.
„Од денеска официјално сум градоначалник на општина Струмица и во периодот кој следува, како што беше ветено во програмата, следува чесна и посветена работа за Струмица“, изјави градоначалникот Јанков.
Досегашниот градоначалник Костадинов му посака успешен почеток и успешен мандат на својот наследник.
„Во мое лично име му честитам на градоначалникот Петар Јанков и му посакувам плоден и успешен мандат, многу храброст, истрајност и, најважно од сè, трпение и автономност во одлуките, кои верувам дека ќе бидат во интерес на сите граѓани на општина Струмица“, кажа Костадинов.
Јанков најави дека во наредните денови ќе одржи состаноци со раководителите во општинската администрација и со директорите на јавните претпријатија, на кои ќе се разгледа моменталната состојба и ќе се утврдат насоките за понатамошното работење.































