Градоначалникот на општина Струмица, Петар Јанков и градоначалникот на општина Ново Село, Ѓорѓе Божинов денеска беа избрани за членови на Управниот одбор на Заедницата на единиците на локалната самоуправа – ЗЕЛС.
Изборот беше направен на конститутивната седница на Генералното собрание на ЗЕЛС, која се одржа денеска, а на чиј дневен ред беше и изборот на членовите на Управниот и Надзорниот одбор на здружението.
По изборот, Јанков изрази благодарност за укажаната доверба и посочи дека во наредниот период ќе се залага за реализација на заеднички проекти, унапредување на законската рамка и обезбедување стабилна и континуирана поддршка за општините во Македонија.
Божинов, пак, во својата објава на социјалните мрежи изрази благодарност до премиерот Христијан Мицкоски, кој го предложил за член на Управниот одбор на ЗЕЛС, нагласувајќи дека неговиот ангажман ќе биде насочен кон давање придонес во решавањето на предизвиците со кои се соочуваат локалните самоуправи во државата.
На денешното Генерално собрание, актуелниот градоначалник на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, беше реизбран за претседател на ЗЕЛС, додека за потпретседатели беа избрани градоначалниците на општините Центар и Чаир – Горан Герасимовски и Изет Меџити.
Во рамки на новиот мандат, најавено е и формирање на повеќе тематски комисии составени од градоначалници, кои ќе работат на прашања поврзани со различни надлежности од областа на локалната самоуправа, со цел унапредување на функционирањето на општините и подобра координација со централната власт. /Р.Ѓ./





























