Учениците и вработените од ООУ „Борис Трајковски“ во селото Моноспитово, општина Босилово, денеска го прославија својот патронен празник, денот кога поранешниот претседател на Република Македонија, Борис Трајковски, роден во Моноспитово е инаугуриран за претседател на државата. Тој годинава се совпадна со одбележувањето и на 10-годишнината од постоењето и работата на ова училиште.
На свеченоста свое обраќање по повод овој мал јубилеј на училиштето имаа градоначалникот на општина Босилово, Ристо Манчев и директорката Соња Дацева.
Во рамките на прославата беа организирани и два турнира, во мал фудбал и во шах. Беа распишани и конкурси за најдобра лична творба посветена на патронот на училиштето и ликовен конкурс, на кои учествуваа ученици од сите основни училишта, не само од оваа училиште и општината Босилово, туку и од општините Струмица, Василево и Ново Село. На наградените ученици им беа доделени пригодни награди и благодарници. За гостите и родителите беше организирана и богата приредба, на која учествуваа сите постојани секции од ова училиште: хорот, драмската секција, фолклористите, ликовната секција, а пак на младите поети, спортистите и на најдобрите ликовни творци им беа врачени и награди за нивниот постигнат успех.
По повод патрониот празник на училиштето беше распишан и литературен конкурс на тема „За подобро утро“. Литературниот конкурс беше распишан во две категории: категорија на ученици од прво до петто одделение и категорија на ученици од шесто до деветто одделение.
Познатиот македонски писател за деца Киро Донев им подари свои книги на наградените ученици, а учествуваше и во изборот на најдобрите творби.
Во категоријата на ученици од прво до петто одделение со прва награда беше наградена Вероника Гавровска од четврто одделение, ученичка од училиштето ООУ „Гоце Делчев“ од Босилово, под менторство на одделенскиот наставник Аргир Зимбаков.
Во категоријата на ученици од шесто до деветто одделение со прва награда беше наградена Тамара Стојанова од деветто одделение, ученичка од училиштето ООУ „Видое Подгорец“ од Колешино, под менторство на наставничката по македонски јазик, Атина Манчева.