Општина Струмица денеска целосно ги исплати обврските кон ЈП „Паркиралишта Струмица“. На сметката на претпријатието се префрлени 15.000.000 денари, средства кои обезбедуваат навремена исплата на платите на вработените, но и можност за нивно зголемување.
„Со оваа финансиска поддршка, годинава Општина Струмица има реализирано најголем износ на трансфери кон ЈП „Паркиралишта Струмица“ во историјата на претпријатието. Во исто време, целосно се реализирани и сите обврски за јавното улично осветлување – со што се гарантира сигурна и квалитетна услуга за сите граѓани“ – соопштија од Општина Струмица.
Градоначалникот Костадин Костадинов упатил охрабрување до синдикатот и менаџментот на ЈП „Паркиралишта Струмица“ да го следат примерот на општината и да обезбедат покачување на платите од 20% и потпишување на нов колективен договор.
Претходно Синдикатот на оваа јавно општинско претпријатие реагираше за неисплатената јулска плата и најавуваа штрајк ако не им се исплати заостанатата плата. Тие соопштија дека сметката на „Паркиралишта Струмица“ била блокирана поради долгови кон фирмите за завршени работни активности за Новогодишното уграсување на градот, промената на канделабрите на Старата чаршија, како и реконстуркација на јавното осветлување на улицата „Сандо Масев“.