Едногласно, членовите на Советот на општина Струмица го прифатија предлогот на градоначалникот Костадин Костадинов и отстапија на трајно користење објект на Фондација „Елеуса“ од Струмица.
Објектот ќе биде наменет за магацински и складишен простор, за канцелариска работа и можност за отворање проект за Народна кујна.
Другиот дел од објектот ќе биде наменет за реализација на Програмата за реинтеграција и рехабилитација на жени жртви на семејно насилство и отворање сервис за Куќа за отворено живеење.
Од Фондацијата „Елеуса“ велат дека на овој начин ги зајакнуваат своите капацитети за да може посигурно и поефикасно да одговара на барањата на социјално загрозените лица, лицата од ранливите категории, како и да работи на создавање здрава заедница.
Од таму изразуваат јавна благодарност до градоначалникот Костадин Костадинов, до претседателот на Советот, Марјан Даскаловски и до сите советници кои покажаа единство и го доделија објектот на Фондација „Елеуса“.
„А Фондација Елеуса се гладните и сиромашните, болните и луѓето на мака, коишто секојдневно бараат помош. Денес нивниот крик го слушна целиот Совет на општина Струмица, заедно со градоначалникот Костадинов кои, отстапувајќи го објектот, им подадоа рака за спас на немоќните, болните, сиромашните. За нас е неизмерна радост што токму грижата за нив ги сплоти советниците кои знаат дека гладот, болеста, сиромаштијата не познаваат политика, туку само човечност“, велат од Фондација Елеуса.
Засега не се соопштува за кој и каков објект станува збор, само најавија дека наскоро по официјалното отстапување на објектот ќе информираат за активностите кои ќе бидат преземени за негова адаптација и ставањето во функција.