На свечената седница на Советот на општина Струмица, што денеска се одржа во Центарот за култура „Антон Панов“, а по повод празникот на градот – Светите Петнаесет Тивериополски свештеномаченици, беа доделени традиционалните Годишни награди за 2025 година. Покрај Наградата за животно дело, што годинава им беше врачена на браќата Миле и Георги Барбаровски, општината додели и седум Годишни награди на истакнати поединци, здруженија и институции кои во текот на 2025 година дадоа значаен придонес во афирмирањето на Струмица, дома и надвор од државата.
Годишните награди ги добија Хуманитарното здружение „Дијаконија“ за особен придонес во општествено-хуманитарната дејност, познатата уметница Кристина Зимбакова за особен придонес во областа на уметноста, Карневалското здружение „Струма“ за афирмација на уметноста и културата, компанијата „Серафимов ГРУП ДООЕЛ“ за придонес во областа на техничката култура, Управата за јавни приходи – Регионална дирекција Струмица за особен придонес во воспитно-образовниот процес, крводарителот Динчо Стојанов за хуманоста и континуираното крводарителство, како и актерот Коље Черкезов за неговиот значаен придонес во културата и сценската уметност.
Наградата на добитниците која се состои од диплома, плакета и бронзен медал, како признание за нивниот труд и заслуги со кои ја афирмирале Општина Струмица дома и надвор од државата им ги врачи градоначалникот на општина Струмица, Петар Јанков. /Р.Ѓ./





























