Градоначалникот на општина Босилово, Ристо Манчев, е во посета на Италија. Манчев и генералниот конзул на Македонија во Италија, Стојан Витанов, остварија работна средба со градоначалникот на општина Поденцано, Александро Пива. Поденцано се наоѓа во близина на градот Пјаченца во северна Италија. Во овој дел на Италија живеат многу иселеници од струмичкиот крај.
Од општина Босилово соопштија дека на состанокот со градоначалникот на Поденцано била разгледана можноста за соработка меѓу овие две општини во областа на културата, економијата, земјоделието и туризмот.
„Оваа средба претставува прв чекор и основа за почеток на плодна соработка помеѓу нашите две општини“, соопштија од општина Босилово.